Rimac C_Two ќе биде комфорен и за подолги патувања, но во исто време ќе биде и побрз од повеќето тркачки автомобили. За тоа да се постигне, во компанијата моментно се дотеруваат последните детали околу подвозјето.

По долги години компјутерски симулаци и тестирања, како и безброј тест возења во реални услови, Rimac C_Two моментно влегува во последната фаза од финото дотерување на подвозјето. Вредни кадри од хрватската фина мануфактура откриваат детали какви што сцената претходно нема видено.

На динамичните возни својства на C_Two е соработувано со специјалистот KW Suspension. Тестирано е на најпредизвикувачките тркачки патеки во светот, без притоа возилото да се помести. Сето тоа се постигна благодарение на четиристолбната пробна рампа на KW, каде што тимот на компанијата може верно да ги имитира условите на возење како во реалноста.

Суспензијата од KW располага со амортизери со електронска контрола и со активно приспособување на висината на каросеријата. Rimac ветува досега невидено забрзување, врвна управливост, комфор за долги патувања и електричен досег до 550 километри.

Од светски прочуената компанија на Мате Римац, наведуваат дека суспензијата е толку чувствителна и брза, што доколку сензорите на предната оска (од вкупно седум сензори во подвозјето) регистрираат посилен удар од нерамнина на патот, задната суспензија ќе реагира уште пред тркалата да дојдат во допир со нерамнината.

Клаус Волфарт, директор на KW Suspension: „Системот во C_Two е најиновативниот производ со којшто располагамево KW Suspension и тоа е потребно за да се исполни широкиот опсег на способности што Мате ги бара за C_Two.“ Претсерискиот прототип ќе ги мине одново тркачките патеки за однесувањето на подвозјето да се дотера до совршенство. Од компанијата посочуваат дека премиерата на C_Two ќе се случи за само неколку месеци.