Годинава претстои премиера на вториот член во моделското семејство на електричната спортска лимузина Porsche Taycan. Штутгарт веќе го прикажа изгледот на идниот Taycan Cross Turismo.

Taycan ѝ обезбеди фантастично достинствен влез на спортската марка во електромобилноста. Во Штутгарт сигурно не се сомневаа во успехот на својот електричен автомобил, затоа што годинава следи и втората изведба во гамата на Taycan, кој ќе има каросерија на спортско комби. Taycan Cross Turismo ќе му ги „одзема“ купувачите на сегашниот Taycan со поголемиот багажник, со поголемото растојание од подлогата, а со тоа и со поголемата практичност во секојдневието.

Гамата на брзото комби на струја веројатно ќе почнува од посилната варијанта Taycan 4S. Цената секако дека ќе биде повисока отколку на лимузината, се шпекулира дека Cross Turismo ќе чини далеку над 110.000 евра на германскиот пазар.

Во техниката нема изненадувања. Платформата пристига од Taycan. Меѓу посебностите се вбројуваат систем за спречување на клатењето на каросеријата и управување на двете оски. За разлика од лимузината, Cross Turismo нема да се нуди во основна изведба со погон само на задната оска. Изведбата Taycan Cross Turismo 4S се очекува да располага со иста моќност како лимузината, односно со 530 КС. Со поголема батерија следи и моќност зголемена на 571 КС. Како Taycan Turbo, идното спортско комби ќе располага со 680 КС. Топ-изведбата Turbo S би требало да постигнува краткотрајно 761 КС.

https://www.instagram.com/p/CKTYl42Foij/

Батеријата во Taycan 4S поседува капацитет од 79,2 kWh, додека во изведбите Turbo и Turbo S се вградува поголемата батерија Performance-Plus со 93,4 kWh. Зависно од батеријата и погонот, Taycan постигнува реален досег меѓу 335 и 452 километри. Комбито ќе изгуби неколку километри досег, поради поголемата тежина и повисокиот отпор на воздух.

На инстаграм веќе се појавија фотографии со конечниот изглед на Taycan Cross Turismo. Тој ќе биде комбинација од нос на Taycan со опаш на Panamera Sport Turismo. Клиренсот исто така ќе биде зголемен, а каросеријата ќе добие и арки на крилата, обложени со пластична заштита. Страничната силуета ќе биде иста со лимузината до средниот столб. Опашот ќе завршува во класичниот стил на Shooting Brake-автомобилите. Изгледот во голема мера ќе се раководи споед студијата Mission E Cross Turismo од 2018 година. Во внатрешноста нема да постојат разлики.

Се шпекулира дека понатаму ќе следи и Taycan Sport Turismo, со опаш на спортско комби, но со нормален клиренс и без пластични облоги.

>>> Taycan е добар електричен Porsche и со „само“ 408 КС