Првиот извозен пазар што ќе го добие електричниот СУВ на база на MEB платформата на Volkswagen се САД. Пред неколку години, таму изби дизел аферата. ID.4 може да смени многу на тамошниот пазар на електрични возила.

Volkswagen е во електрична офанзива и напредува одлично. Откако претходно стартуваа резервациите за воведната моделска изведба ID.4 1st, во средината на месецов Volkswagen ќе ги отвори тефтерите со нарачки и за стандардните изведби на електричниот СУВ во 30 држави ширум Европа, како и во САД. Испораките во Европа и во Кина ќе започнат веќе во март, потоа ќе стартува и извозот во САД, во средината на годината.

Офанзивата има сосем веродостојна цел за концернот што во претходните пет години беше на врвот на браншата, пред Toyota да се врати таму. Целта на коцнернот (и марката) Volkswagen е да стане светски лидер во електромобилноста. До 2023 година за таа цел се вложуваат над 11 милијарди евра. Веќе во 2025 година, продукцијата на електрични возила само на марката Volkswagen се очекува да достигне 1,5 милион примероци.

Volkswagen со електричниот СУВ-модел ID.4 ја зајакнува својата стратегија во сегментот што бележи најголем раст во продажбата во светски рамки

Матичната марка на концернот лани трикратно ја зголеми испораката на електрични возила и со моделското семејство ID е лидер во голем број држави. Планот за годинава е испораката на ID.4 да надмине 100.000 примероци. Моментно за компактниот СУВ врз заедничка платформа со ID.3 и Skoda Enyaq iV се добиени 17.000 нарачки.

Од вкупно планираните испораки за 2021 година, две третини се наменети за Европа, додека преостанатата третина е за Кина и САД. На кинескиот пазар ќе се нудат две варијанти на моделот, ID.4 CROZZ и ID.4 X.

ID.4 е прв модел врз електричната платформа MEB, што поаѓа во освојување на светскиот пазар. Освен во Европа, компактниот СУВ во иднина ќе се произведува локално за пазарот во Кина, а потоа и во САД. Глобализацијата е клучен фактор за исплатливоста и успехот на семејството модели ID.

Во Цвикау, како и во кинеските фабрики во Антинг и Фошан веќе стартуваше сериското производство. Во Чатануга (САД) и во Емден (Германија), производството ќе стартува в година.

>>> Volkswagen сам ги произведува деловите за електричниот ID.4