Понудата од моделски изведби на електричниот Volkswagen ID.4 е скроена по примерот на комбилимузината ID.3, којашто веќе на големо е на пазарите во Европа. Идејата беше да се поедностави изборот на опремата и техничките ставки во возилото, со понуда на претходно конфигурирани моделски изведби, зависно од потребите и вкусот на клиентите.

Volkswagen ги објави цените за електричниот ID.4 на германскиот пазар. Основната моделска изведба на СУВ-моделот врз база на платформата MEB, чини 38.450 евра за ID.4 Pure Performance. Во оваа цена се вклучени 9.000 евра субвенција во Германија.

За батеријата може да се избира меѓу две големини. ID.4 Pure поседува батерија од 52 kWh и достингнува досег до 348 километри (WLTP). Во изведбата ID.4 Pro, со батерија од 77 kWh, соодветно се зголемува и досегот на 522 km (WLTP).

Две опции има и во поглед на моќноста. Електромоторот моментно може да се избира во две варијанти на моќност. Зависно од моделот, тој постигнува 125 kW (170 КС) или 150 kW (204 КС). Со посилниот мотор, ID.4 спринтува за 8,5 секунди од 0 до 100 km/h. Крајната брзина во сите варијанти е ограничена на 160 km/h. Подоцна годинава ќе следи и спортска топ-изведба, со втор електромотор и со погон на сите тркала, ID.4 GTX.

Volkswagen сам ги произведува деловите за електричниот ID.4

Сите моделски изведби стандардно поседуваат систем за навигација „Discover Pro“ и онлајн-услуги на We Connect Start. Врвните моделски изведби ID.4 Tech и ID.4 Max донесуваат и светска новина: Проекциски дисплеј со унапредена реалност (Augmented-Reality-Head-Up-Display), што ги проектира сликите директно во видното поле на возачот, а некои слики прикажува и динамично, спојувајќи ги со реалноста. Таков пример се стрелките за навигацијата, што во видното поле на возачот се прикажуваат како да се на десет метри оддалеченост и покажуваат точно на улицата во којашто треба да се скршне. На тоа следат и бројни системи за асистенција, кои дополнително се грижат за комфор во секојдневието и на долги патувања.

>>> Volkswagen почна со резервации за електричниот ID.4