Семејството компактни модели на Mercedes постигна чуда, па сега и ова. Како што Штутгарт долго најавуваше, EQA е целосно електричен СУВ-модел што се базира врз GLA и претставува најдостапна можност да се вози на струја и под сребрената ѕвезда – последново важи особено кога ќе се земат предвид масивните субвенции ширум Европа.

Оваа моделска ознака во иднина ќе се среќава во бројни важни вести од Штутгарт. Mercedes EQA 250 е комплетно електричен СУВ врз база на GLA, односно врз платформата на A-Class. Електромотор со моќност од 140 kW (190 КС) ги движи предните тркала, досегот со полна батерија изнесува 426 километри според новата норма WLTP. Електричниот СУВ наскоро ќе се понуди и во изведби со втор електромотор за задната оска, како и со поголема батерија. Mercedes ветува верзии со моќност од преку 200 kW, односно 272 КС. Изведбата со поголема батерија ќе надминува досег од 500 километри.

Стратегијата на Мercedes не се состои во постојано зголемување на батеријата, туку во подобрување на ефикасноста на сите компоненти од возилото.

Навигацијата со Electric Intelligence самостојно ја пресметува најбрзата рута до подалечните одредишта, земајќи го предвид времетраењето на полнењето. Тоа го растоварува возачот од грижа околу досегот. EQA сам „кажува“ кога е најдобро да се дополни батеријата, притоа пресметувајќи и според топографијата на теренот, но и временските прилики.

New item by Automedia MK / Google Photos

Возачките и возачите на EQA ќе имаат комоција и при полнењето, благодарение на Mercedes me Charge. Тоа им овозможува приклучување на повеќе од 450.000 обични и брзи (еднонасочни) полначи во 31 држави. Mercedes нуди и доплата за пакет IONITY, кој на клиентите им овозможува користење на супербрзите полначи по повластена цена од 0,29 €/kWh.

Од конструкциско гледиште, Mercedes EQA 250 се одликува со исклучително низок отпор на воздух, што е клучен фактор кај електричниот погон. EQA е прв модел на подмарката Mercedes-EQ, чијашто аеродинамика целосно е развивана дигитално. Вредноста: cw 0,28, при челна површина од 2,47 m2. Подот речиси целосно е затворен, тркалата имаат аеро-дизајн, маската исто така е комплетно затворена.

New item by Automedia MK / Google Photos

За домаќинско користење на енергијата се применува топлинска пумпа. Таа ја користи топлината од електричниот погон за греење на кабината. Тоа значително ја смалува потребата од греење, а со тоа се поштедува и батеријата. Секако дека можноста за програмирано вклучување на климатизацијата во точно време и времетраење е уште една практична функција на електричните автомобили.

Стилот на предниот дел е препознатлив за моделите на Mercedes-EQ. Маската е црна, со средишно поставена ѕвезда. Уште еден препознатлив белег на EQA се светлечките ленти по целата ширина на носот и на опашот. Внатрешноста на предните светла исто така оддава впечаток за висок квалитет и прецизност. Типични за Mercedes-EQ се сините ленти во светлата. Истиот стил важи и назад.

Украсни делови со заднинско осветлување и детали во боја на розево злато во кабината

Бројни детали во внатрешноста укажуваат дека станува збор за електричниот EQA. Во поскапите линии на опрема следат украсни детали со заднинско осветлување, што се применува првпат во Mercedes-Benz. Други ексклузивни детали се украсите во боја на розево злато на отворите за проветрување на седиштата и на самиот клуч.

New item by Automedia MK / Google Photos

Како и за секој нов модел, традиција на Mercedes веќе подолги години е да се понуди специјална и ексклузивна серија Edition 1, со којашто воедно се означува и почетокот на испораките. Стандардната опрема на Mercedes EQA веќе е супериорна: LED High Performance-светла со автоматско долго светло, EASY-PACK заден поклопец со електромотор, алу-тркала од 18 инчи, амбиентално осветлување во 64 бои, комфорни седишта, камера за рикверц и спортски волан.

New item by Automedia MK / Google Photos

Цената во Германија изнесува 47.540 евра, на што следува субвенција во висина од преку 9.000 евра, што значи дека со Mercedes EQA реално се излегува од салон за околу 38.000 евра – во поглед на перформансите и опремата, тоа е веќе споредливо со моделите со обичен погон.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Шест нови електричари од Mercedes до 2022 година