За новата генерација на Mercedes S-Class, многумина имаа резервирани очекувања. Прашањето беше, може ли S-Class да се направи подобра од тоа што веќе беше претходно. Тоа што Штутгарт буквално му го подари на автомобилскиот свет, не е друго освен повторно пронаоѓање, „измислување“ на автомобилот.

Кога деновиве ќе се погледнат трите S-Class во почесната ротонда во салонот на Мак Аутостар, сцената личи како кадар од научна фантастика. Овие автомобили изгледаат безмалку нереално, тоа повеќе не се автомобили што се мерат во коњски сили, километри на час, килограми и секунди. „Најдобриот автомобил во светот“, повеќе личи како технологија што добила душа. Тоа впрочем ќе биде и следниот чекор на Mercedes, кога во текот на годинава ќе ја претстави електричната верзија на S-Class во форма на EQS, со кокпит што изумителите во Унтертиркхајм го нарекуваат „хајперскрин“.

Суперлативите и епитети повеќе немаат смисла кај S-Class. Затоа, потрезвено. Увозникот на Mercedes го објави официјалниот ценовник за својот „најмодел“. Тој вели дека ценовната понуда почнува од 124.990 евра за изведбата S 350 d со трилитарски дизел R6 со 286 КС. За изведба на овој модел со погон на сите тркала се доплаќа 5.000 евра. Третата моделска изведба на тема S 350 d е изведбата со продолжена каросерија и цена од 128.990 евра.

Гамата продолжува со S 400 d, исто така со трилитарски дизел, но со 330 КС и цена од 139.990 евра. Погонот на сите тркала тука е стандард, единствено може да се избере изведба со продолжено меѓуоскино растојание. Засега нема најави дека во понудата ќе се појави четирицилиндарски дизел, како во претходната генерација.

mercedes s-class w 223 mak autostar 1

Бензинците почнуваат од S 450, со трилитарски турбо-бензинец R6 со 367 КС и цена од 133.990 евра. Погон на сите тркала тука е опција, но е стандард во S 500, чијшто мотор 3.0 R6 располага со 435 КС. За петстотката се потребни најмалку 154.990 евра во Македонија. Увозникот веќе ја има и цената за S 580. Единствениот осумцилиндарец во новата S-Class го користи битурбо-четирилитарецот, конструиран од Mercedes-AMG, со моќност од 469 КС. Цената е 163.990 евра. Сите моделски изведби без исклучок се испорачуваат и во изведба со продолжена каросерија. Бензинците користат благ хибриден погон, со стартер-генератор и 48-волтна мрежа.

Mercedes лани продал 2.528.349 автомобили и комбиња

Веднаш под S-Class во ценовникот следи и Maybach. Тој вози со 4,0 V8 со 469 КС или со 6,0-литарски V12 со 630 КС, и чини соодветно 211.990 евра, односно 275.000 евра. Годинава во гамата на S-Class ќе се придружи и изведбата S 580 e со приклучен хибриден погон и 367 „бензински“ и 150 „електрични“ КС. Цената за тој модел уште не се комуницира во ценовникот на Мак Аутостар.

Соодносот од насловот е точен, уште попрецизно 13,4 примероци од Dacia Sandero со цена од 9.350 евра, колку Mercedes S 350 d. Секоја почит кон Dacia.mercedes

Во продолжение неколку ставки од дополнителната опрема, со цените од германскиот пазар

(цени во евра)

Металик лак

1178

Designo лак

2058

Digital Light (осветлување со резолуција од 1 милион пиксели и проектирање знаци врз патот)

2249

Пристап без клуч со вовлечени рачки

1428

Сите стакла со топлинска, звучна и IR-заштита

1368

Греење на ветробран

690

Сончев покрив

1892

Активно амбиентално осветлување

940

Пакет Energizing напред (масажа, светлосни и климатски третмани)

4825

Пакет Energizing назад

3528

Активни мултиконтурни седишта

2380

First class назад

3332

Масички назад

2142

Климатизација Thermotronic назад

1356

Ладилник

1368

Воздушни перници во безбедносни ремени назад

702

MBUX асистент за ентериер

642

Далечинско паркирање

1844

Проекциски дисплеј MBUX со унапредена реалност

3558

Аудиофилско озвучување Burmester 4D

8008

MBUX назад

3558

Таблет назад

595

Управувана задна оска

1547