Шестата генерација на Volkswagen Polo ја достигна половината од својот моделски век. Не е за изненадување тоа што изгледот на новото моделско годиште на Polo ќе се раководи според Golf 8.

Ловците на тест-прототипи веќе го овековечија новото моделско годиште на Volkswagen Polo и сликите почнаа да се се појавуваат на друштвените мрежи. Сликите покажуваат дека дизајнот на овој исто така традиционален модел во понудата на Volkswagen ќе ги преземе основните црти од актуелниот Golf.

Каросеријата на тест-прототипите е маскирана, но пак се наѕираат деталите на новиот изглед. Предните светла ќе добијат нова графика и ќе бидат поиздолжени по пример на големиот брат. Маската исто така ќе добие нов дизајн, за да се вклопи со светлата. Најмногу е маскиран браникот, но тоа само значи дека и таму ќе се случат големи промени. Отворот во браникот ќе добие на ширина, а можно е магленките кај Polo GTI да добијат шема на шаховница.

Промените секако ќе го опфатат и опашот. Светлата кај Polo првпат ќе бидат дводелни, исто како кај Golf 8. Во истиот стил со носот ќе биде преработен и задниот браник, заедно со два хромирани елементи со изглед на издувни цевки. Како и при секое моделско освежување, гамата ќе биде дополнета со избвор од нови бои и нови дизајни на тркалата.

Слики од внатрешноста уште нема, меѓутоа може да се очекува дека средишниот дисплеј ќе биде поголем и ќе добие нов софтвер. Дигиталните инструменти ќе останат како опција. Сосем е извесно дека ќе се користат и нови материјали и украсни елементи.

Од промените во поглед на погонот може да се очекува воведување изведби со благ хибриден погон. Со збогатената сериска опрема и обновената понуда од системи за асистенција ќе пораснат и цените за новото моделско годиште на Volkswagen Polo. Во исто време освежениот Polo треба да се појави и комплетно новата моделска генерација на Skoda Fabia.

>>> Може ли Polo да биде доволно добар Golf?