Една година по веста што лани во јануари одекна како сензација од саемот ЦЕС во Лас Вегас, следи уште поголема сензација. Тогаш веста беше дека гигантот Sony претставил електричен авотмобил, а веста сега е дека Sony веќе е излезен со автомобилот во јавност и моментно се тестира во Австрија, со регистерски таблици што гласат на Грац.

Sony Vision-S требаше да остане само во форма на концептен автомобил. Така барем се надеваа големиот број стартап-компании што очекуваат влез во автомобилската индустрија. Меѓутоа, овој автомобил не зависи од финансирањето од друга компанија. Sony треба само да реши, а како што се покажува деновиве, веќе е решено.

Големата електрична лимузина со по еден електромотор од 200 kW на секоја оска, моментно се тестира во регионот околу Грац, во Австрија, со обични регистерски таблици и камуфлажна шара на каросеријата.

Автомобилот на Sony е долг 4.895, широк 1.900 и висок 1.450 милиметри, меѓусокиното растојание изнесува точно три метри. Vision-S тежи 2.350 килограми и со своите 544 КС и погон на сите тркала спринтува до темпо сто за 4,8 секунди. Крајната брзина што ја дозволува електронскиот гитант изнесува 240 km/h. Останатите детали се пневматска амортизација, две триаголни водилки на двете оски и тркала со димензија 245/40 ZR21 напред и 275/35 ZR21 назад.

Тоа се веќе многу конкретни податоци. Лани при премиерата, Sony за автомобилот комуницираше информации какви што се вообичаени за производител на електроника: 33 сензори, технологии CMOS, ToF, камери и ласери за автономно возење. Бројот на сензори што го надгледуваат возењето во меѓувреме порасна на 40. Конретно во возилото се вградени 18 камери, 18 радари и ултразвучни сензори и 4 лидари, кои се комбинација од ласер и радар.

Електричниот крстосувач е дел и од актуелното дигитално издание на саемот CES. Новите информации од Sony околу возилото: Камерите го препознаваат возачот и соодветно ги местат седиштето, ретровизорите, светлата, климатизацијата, па дури и приказот во дигиталните инструменти. Клучната информација што ги исклучува сомнежите дека Sony навистина планира да го понуди овој автомобил во продажба: Компанијата најави дека Vision-S ќе се тестира во уште голем број региони ширум светот.