Што имаат заедничко BMW M340i, Mercedes C 43 AMG, а по малку и Audi S5 Sportback TDI со својот дизел? Овие спортски премиум-лимузини имаат многу заедничко, но им е заедничко и тоа што Kia Stinger се поставува како веродостојна алтернатива за сите нив, и никој не го оспори тоа досега. Гран-туризмото од Сеул имаше освежување.

Kia уште претходно го најави моделскиот апдејт на својот лимузински знаменосец во Европа, но неколку детали изостанаа. Главното е тоа што неколкуте измени во изгледот го нагласуваат карактерот на Kia Stinger како гран-туризмо, GT.

Најголемата новина во надворешната појава е светлечката лента што се протега по целата ширина на опашот. Таа ја следи нежната форма на спојлерот и ги соединува новите трепкачи во задните светла, кои се состојат од 10 посебни модули од светлечки диоди. Шемата на трепкачите е по пример на возила наместени на стартни позиции на тркачка патека.

Достапни се тркала од 19 инчи со нов дизајн, со геометриски дизајн што го нагласува спортскиот карактер на Stinger. Предизвикувачот на Kia првпат може да се нарача со фамозната „електрик блу“ боја, за изведбата GT S.

Формите во кокпитот се истите, но чувството е ново, затоа што се сменети материјалите, текстурите и додадени се ситни детали, кои внесуваат луксузен печат. Неколку делови од воланот со зарамнето дно се изведени со металик-финиш. Околу инструментите се наоѓа хромиран прстен. Внатрешниот ретровизор повеќе нема рамка, а во средината на кокпитот е вграден дисплеј од 10,25 инчи, во куќиште што е финиширано во сјајна црна боја. За осветлувањето на кабината може да се избира меѓу 64 бои.

New item by Automedia MK / Google Photos

Новиот инфо-забавен систем овозможува два телефони да се поврзат преку блутут и да се користат посебно за повици или за музика. Со говорни команди може да се повикуваат функции за греење или вентилација, за музика и навигација. На тоа се надоврзува и моќност за безжично полнење.

Врвно озвучување од harman/Kardon со 15 звучници е стандард, со функција на Clari-Fi, односно повраток на оригиналниот звук што се губи при висока компресија на музички записи, како и со

QuantumLogic Surround Sound, кој просторно го распределува звукот според оригиналната снимка. Во инструментите е вграден нов дисплеј од 7 инчи во боја. Информациите и препораките може да се прикажуваат и на проекциски дисплеј директно во видното поле на возачот.

Меѓу новите функции спаѓа и можност за моторот да се стартува далечински. Камери со приказ во 360 степени се стандард, заедно со сензори напред и назад, има и сензор за автоматско отворање и затворање на задниот поклопец.

New item by Automedia MK / Google Photos

Веќе богатиот арсенал од системи за асистенција е дополнет со прикажување на сликата од камерите во средишниот дисплеј во инструмент-таблата при престројување, како дел од системот за предупредување при возило во мртов агол. На тоа следат уште систем за задржување во лента и самостојно забавување при побавно возило напред додека е вклучен темпоматот. Систем спречува излетување пред возило што наидува од попречен правец, додека Stinger излегува наназад од паркинг. По паркирањето се слуша звучно предупредување пред да се отвори врата додека наидува возило или велосипедист. Има и систем што алармира ако во возилото се остави милениче.

Kia Stinger понатаму ќе се нуди единствено со 3,3-литарскиот V6 со турбонатполнење и директно впрскување. Погонот е на сите тркала, моќноста се пренесува преку класичен осумстепен автоматик со претворач на вртежен момент. Моторот од генерацијата Lambda II постигнува моќност од 366 КС при 6.000 вртежи и импресивен вртежен момент од 510 њутнметри во целото подрачје меѓу 1.300 и 4.500 вртежи.

Лимузината од 4,83 метри и тежина од близу два тони е најстартна Kia во историјата, со спринт од место до темпо сто за 4,9 секунди. Крајната брзина изнесува 270 km/h. Просечната потрошувачка според фабрика изнесува 10,5 литри.

>>> Новото лого ѝ донесе светски рекорд на Kia