Ова е историја. Првпат со електричен автомобил ја возиме традиционалната еко-рута на Аутомедиа низ цела Македонија. Во првиот дел извозевме 512 километри, земаме починка во Битола. Следното одредиште е Охрид, секако преку Галичица и секако со посета на Свети Наум.

Уште пред зори се враќаме до нашето електрично и херојско Mini. Сонот не држи, голема е возбудата да се извози оваа посебна тура. Битола ѝ придала господска големина на електромобилноста. Електричниот автомобил од Оксфорд нé чека на огромен паркинг на почетокот на Широк Сокак. Двата полначи се веднаш до улицата, електричните автомобили што се паркираат тука го привлекуваат вниманието. Во градот под Пелистер имавме останато уште 49% од батеријата, на доаѓање од Кавадарци, каде што полневме до 85 проценти.

Со комплетно свежа енергија ја почнуваме следната етапа што ќе биде долга вкупно 111 километри, преку Галичица и прво до Свети Наум, па потоа за Охрид. Mini Cooper SE не бара загревање на „моторот“, нема потреба прво да се извози нежно, додека погонот постигне работна температура. Електромоторот влече исто толку будно рано во зори, колку што влече кога по брзите и омилени свијоци ќе му се подзагрејат гумите.

Mini Cooper SE првенствено е моќна машина за уживање во возењето, во него сепак работат гени на BMW

Расположението во новиот ден е на оптимум. Како што се покажа во претходниот дел од оваа електро-авантура, нема потреба од загриженост дали ќе остане доволно енергија до следниот полнач. Со релативно лесното и луто Mini – сепак станува збор за 184 КС во автомобил што не досега ниту до четири метри во должина – нема потреба и од држење „идиотско“ темпо 80 по автопат, за на светот да му се покаже и докаже дека електричниот автомобил ете минувал многу километри со едно полнење.

Ова е автомобил за уживање, и доколку возачката или возачот се доволно интелигентни да проценат колкав пат ќе можат да поминат со енергијата во батеријата, навистина нема потреба од откажување од задоволството во возењето. Mini Cooper SE, или да биде уште појасно за што станува збор, електричната верзија на Mini Cooper S, вози динамично, и го прави тоа вешто и по право и по криво!

Можеби е до автомобилот, поради неговиот тивок и беспрекорно чист погон, можеби е заради тоа што расположението ни е топ поради темпераментните возни својства, но искачувањето на Галичица од страната на Преспа, во тие последни есенски денови ни личеше поразлично и повозбудливо од веројатно стотици искачувања претходно.

На Mini му лежат вакви планински тури, пра-моделот беше недостижен на рели-патеките во средината на 1960-те, особено на Рели Монте Карло

На видиковецот на Галичица се искачуваме уште пред сонцето да префрли преку планината. Вредеше тоа што пристигањето до темпиравме точно за овие моменти. Глетката е вредна за човек да дојде само заради неа. Неколку облачиња се издигнале ниско над езерото, Охрид се гледа чисто, се посведочува на будењето на оваа моќна господска творевина. Ова беше лесна вежба за Mini. Над Отешево, англискиот електро-болид имаше 79% наполнетост на батеријата. До горе потрошивме 17% од вкупниот капацитет на батеријата. Нормално дека тоа не беше бавно искачување.

На спуштање, по легендарните лакти на патот удолу, се присетуваме на сцените од „Италијанска работа“, каде што Mini одигра една своите од највпечатливи филмски улоги во историјата. Се покажува инженерингот на BMW, кој вредно ја чува марката под своја закрила. Темпото удолу е солидно, сопирањето намерно го одложуваме до пред самиот свијок, со цел да провериме дали сопирачките се дораснати на брзината и на незначително повисоката тежина на Cooper SE, поради батеријата. Ниту трага од „фејдинг“, од прегревање. Ова е 100% автомобил конструиран и изработен со врвна експертиза и врвен инженеринг. Премиум, автомобил, патем. Исто колку што е BMW премиум, толку и Mini е премиум.

Сензацијата што ја чекавме сето време, уште при поаѓањето од Скопје. Во Свети Наум, дисплејот ни покажува дека електромоторот во Mini, на спуштање од Галичица ја наполнил батеријата за 6 проценти од капацитетот! Тоа значи дека „горивото“ за возењето од Свети Наум до Охрид ќе ни биде гратис. Всушност, сé е гратис. Користењето на полначите на ЕВН, сите 40 по цела територија на Македонија, комплетно е бесплатно со години наназад. За тоа, колку мрежата на полначи ни е разгранета, малку подоцна.

Патот од Свети Наум до Охрид е како измислен за електричното Mini, потрошувачката на енергија е минимална, благодарение на бројните и куси надолнини и нагорнини

Интелигенцијата на погонот ни вели дека имаме енергија за 133 километри. Тоа е доволно да се извози до Кичево. Но, секако дека прво мораме електромобилов да го пуштиме во Охрид, да се освети. За квалитетите на патот до градот бисер, од гледиште на connoisseur зад воланот, не мора да потсетуваме. Крајбрежниот пат е совршен, за вистински да се почувствува духот на овој електромобил. Чувството во поглед на моќта е како да се вози Mini со турбо-дволитарец напред – како што впрочем е случај во Cooper S, со неговите 178 КС – но, со таа разлика што тука нема турбина што бара постигнување одреден број вртежи за да го произведе максималниот вртежен момент, туку моќното повлекување се случува буквално веднаш по притискањето на педалата за „гас“. Конкретно, станува збор за раскошни 270 њутнметри.

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)

Со мултилинк задна оска и со исклучително лесен нос – затоа што таму нема голем мотор да тежи – а дополнително и со батерија што е вградена ниско во подот и таму е поставена рамномерно во форма на T, електричниот Mini Cooper располага со управливост и возни својства, што му обезбедуваат предност дури и пред неговите браќа со класичен погон, прочуени и обожувани поради нивното го-карт чувство.

Ова е BMW во смалена форма. Поточно, ова е BMW i3, во поглед на погонот, со клучна разлика што погонот не е назад и нема каросерија од егзотична комбинација од карбон и алуминиум. Но, инженерскиот потпис од Минхен постои, и тоа не е само на хартија.

Прашањето околу времетраењето на полнењето е сосем неважно во Охрид; Кој дошол тука, сигурно нема да си замине веднаш

Автомобилов не престанува да изненадува. Иако возењето до Охрид мина релативно брзо, самата природа на патот, со бројни удолнини и угорнини, како и со бројни свијоци, направи Mini да потроши исклучително малку енергија. На полнач во Охрид, на почесно место покрај пристаништето, дисплејот покажа дека од последното полнење во Битола, во батеријата останале уште 57% од капацитетот, односно за уште 127 километри пат.

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2) 17
„Електрични“ автомобили пред станица со полначи за струја на резервирано и привилегирано место на охридското пристаниште

Полнењето до 100% ќе потрае помалку од два часови. Претходно практикувавме полнењето да го вршиме само до 80%, за што обично ни беше потребен околу еден час. Таква е природата на батериската техника: Полнењето до 80% трае релативно брзо, но за последните 20% до комплетна наполнетост е потребно повеќе од еден час. Но, времето воопшто не е важно. Кој намерник дошол во Охрид, сигурно не заминал за час или два.

По кусо полнење, со Mini неколу часови минуваме по охридските улички, во фото-сесија со професионалците од DigitalBox. Видео-материјалот веќе е пуштен на профилите на BMW Македонија по друштвените мрежи и секако дека наиде на исклучително висока гледаност. Симболиката на градот со светски вредна историја произведе единствен спој со Mini со авангарден и чист погон.

Доволни се помалку од четириесет минути приклучување на последниот полнач на турата низ цела Македонија

Следно одредиште, Кичево. Во принцип немаше потреба од запирање на полнач во градот, затоа што со енергијата во батеријата без проблем ќе извозевме до Скопје – конкретно во Кичево имавме прогноза за уште 174 километри и 78% наполнетост на батеријата. Меѓутоа, составен дел од оваа историска тура со електричен автомобил ни претставува и тестирањето на електромобилноста во Македонија, односно на функционирањето и достапноста на полначите за струја. По четириесетина минути, батеријата веќе е полна 97%, Mini ни прогнозира дека со таа енергија ќе извозиме уште 223 километри.

Како што привршува турата, така се повеќе се создава доверба во електричниот погон, поточно во батеријата. Повеќе не постои неизвесност, како Mini Cooper SE ќе се однесува на искачувањето на Стража. Нормално, англискиот автомобил влече суверено по угорницата, а свијоците му се омилен специјалитет. Речиси нема потреба да се потсопира пред свијок, а тоа е одлично и за енергетскиот биланс на Cooper.

По експресното искачување на Стража, дисплејот покажува 81% наполнетост и 187 километри. До Скопје остануваат стотина километри, следи финалето. На спуштање, долгите и брзи свијоци му годат на Mini Cooper SE како витаминска напивка. Стрелката на покажувачот на статусот на погонската спрега речиси постојано е на „Charge“. Електромобилот тука повеќе произведува струја отколку што троши.

Откако Mini Cooper SE еднаш ќе фати залет и ќе постигне темпо за на автопат, потрошувачката на енергија натаму е минимална

Делницата од Гостивар до Тетово ја минуваме во левата лента. Службеник на патарината ни крева палец, откако забележува за кое Mini станува збор. Електричниот автомобил сепак не е привилегиран и подлежи на патарина исто како секој друг автомобил. Седум секунди подоцна, електричниот Cooper повторно вози со темпо за автопат. Еуфоријата е врвна, патот до Скопје минува мошне брзо. На благите удолнини по делницата од Тетово се покажува дека не е високата брзина таа што му „троши“ енергија на Mini, туку тоа е забрзувањето, совладувањето на инерцијата. Откако SE еднаш ќе фати залет, потребно му е исклучително малку енергија за понатаму да го одржува темпото. Автопатот најмалку е проблем за батериското мини.

Отсуството на звук од погонот и генерално одличната изолација на Mini, прави патувањето да не се чувствува. Целата оваа брза делница, од Стража до Скопје, како да помина за миг. За тоа дополнително придонесува и еуфоријата. Mini Cooper SE со скромна ознака „electric“ отстрана, но со јасно препознатливи симболи на варијантата со електричен погон, ја извозе оваа историска тура беспрекорно и докажа дека електромобилноста Е реалност во Македонија.

Во Скопје пристигаме со 53% наполнетост на батеријата и прогноза за уште 104 километри. Тоа е уште една во низата сензации што ги создаде овој малечок автомобил, а голем херој! Да ја продолжиме турата уште малку, со оваа енергија да извозиме до Штип? Тоа ќе биде задача за електро-пионерите, за идните сопственици на автомобили со погон на струја, за своите искуства со „новиот“ погон да ги документираат на друштвените мрежи.

Возачките и возачите се решаваат за елеткричен автомобил затоа што тоа им се допаѓа, субвенциите и привилегиите секако се добредојдени

Тоа што во меѓувреме се појавија неколку блогер-плагијатори и се обидоа невешто и нестручно да ја имитираат електричната тура на Аутомедиа, најмалку е важно за електромобилноста во Македонија. Следни на ред се возачите на електрични автомобили, да ги преплават мрежите, со право покажувајќи ја својата еуфорија од погонот на струја и преземајќи ја улогата да бидат пионери на електромобилноста во македонски рамки. Кога тоа ќе се случи (и) во Македонија, во голема мера, ако не и во пресудна мера, решава државата со својата политика за поттикнување на електричниот погон.

Околу цените и привилегиите. Mini е премиум марка, тоа е јасно, и Cooper SE ценовно не може да се споредува со „мас-брендовите“. Во поглед на перформансите, опременоста и пренесувањето на духот на марката Mini, овој Cooper SE не е друго туку е електрична верзијa на Mini Cooper S со дволитарски турбо-бензинец, по ново со 178 КС.

Цената за електричното Mini во редовниот ценовник на М Кар изнесува 33.390 евра. Македонскиот увозник дополнително вклучува гратис навигација. Во споредба со бензинскиот Cooper S, со неговите 27.060 евра, тоа е разлика од 6.330 евра – не земајќи ја предвид гратис-навигацијата. Околу оперативните трошоци, тоа е јасно. Користењето на полначите на ЕВН низ Македонија е бесплатно. Со тоа следи и бесплатно паркирање, но не некаде на периферијата на градовите, туку апсолутно и без исклучок, во строг центар. Во Скопје, паркиралиштата на ПОЦ исто така се користат бесплатно. Единствен трошок при патување е патарината, за што државата веќе одамна требаше соодветно да реагира и да воведе привилегија за хибридните и електричните автомобили.

Тоа што особено импресионира е чувството на независност, на „игнорирање“ на мрежата од станици за полнење гориво

Полнењето дома може да се врши на обичен приклучок за струја, односно буквално на продолжен кабел. Во тој случај се користи вградениот полнач во самото Mini. Тоа би траело цела ноќ, меѓутоа е изводливо наједноставно и инстантно. Прв следен избор е ѕиден полнач Mini Electric Wallbox, кој може да се постави во гаража или покрај зграда, и во германската мрежа на Mini чини 585 евра. Околу домашните полначи (и во компаниите, исто така), во повеќе држави веќе се применуваат субвенции што на граѓаните им овозможуваат, со најниски можни трошоци да се префрлат на погон на струја.

При користење домашен полнач од 11 kW, полнењето до 80% ќе трае 2,5 часови, односно до 100% ќе бидат потребни 3,5 часови. Во случај на користење брз полнач, со еднонасочна струја и моќност од 50 kW, времетраењето се скусува драстично и до 80% се потребни само 35 минути, односно помалку од час и половина до 100 проценти.

Цената за целосно полнење на батеријата, доколку се користи домашен полнач и се полни при ноќна тарифа, изнесува 115 денари. Во случај Mini да се приклучи на полнач дење и да се полни од нула до 100 проценти, тоа би чинело 230 денари. Сто километри пат, со „ноќна струја“, би чинеле точно 50 денари – при досег од 230 километри. За „дневна струја“, сто километри соодветно би чинеле 100 денари. На полнач на ЕВН, нула денари. Во споредба со бензинец со исти перформанси, што реално ќе потроши седум литри бензин во просек, соодносот во цената е околу 1:9, односно 1:4,5, зависно дали се полни ноќна или дневна струја.

Уште една решавачка предност секако се неколкукратно пониските трошоци за одржување и генерално намалената потреба од сервисна интервенција и одржување на возило со електричен погон. Нормално, нема потреба од менување моторно масло и филтер, нема свеќички за палење, нема инјектори, нема комплициран вод за впрсквуање под висок притисок, нема турбина, нема интеркулер, рециркулација на издувни гасови, ремени, синџири, вентили, сензори, коленасти вратила, брегасти вратила, средство за заштита од мрзнење… тоа се прилично многу работи што му „недостигаат“ на Mini Cooper SE.

И конечно, може ли по ова возење со важна симболика да се изведе заклучок околу електромобилноста во Македонија?

Прашањето на електромобилноста, конкретно изборот на автомобил со електричен, место обичен погон, најмалку се поврзува со заштедата во оперативните трошоци и само во мала мера зависи од тоа колку е разгранета мрежата од полначи по целата територија на државата. Електромобилноста во оваа фаза што е преодна, затоа што враќање нема, претставува првенствено личен избор. Преоѓањето на електричен погон може да биде поттикнато со субвенции или со одредени привилегии во поголема или помала мера, но конечниот избор зависи од индивидуалното убедување. Значи, ако треба да се извлече некаква „парола“, таа ги гласела: Возам електричен автомобил, затоа што тоа ми се допаѓа. И, со тоа никому не пречам.

Електричните автомобили веќе се дел од редовниот ценовник на неколку увозници во Македонија, а има и најави за мини-офанзиви во 2021 година. Што се однесува до BMW и Mini, зборот електромобилност таму се пишува со голема буква. Минхен сака да биде предводник во овој поглед во премиум-сегментот, а според бројни показатели, веќе го држи приматот.

>>> Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)